Заврши конкурсот „НајООР наставник/наставничка од основното образование за 2020“

Конкурсот за „НајООР наставник/наставничка од основното образование за 2020“ кој имаше за цел да ја истакне важноста на користењето отворени образовни ресурси во наставниот процес, и да ја промовира наставничката професија, официјално е затворен за пријавување.

Според правилата на конкурсот, во наредниот период ќе следи бодување и рангирање на пријавените профили на наставничките и наставниците од основните училишта. Експертска комисија, составена од непарен број членови, согласно системот на бодување, ќе изработи ранг-листа на 10 највисоко рангирани наставници и наставнички (не одделни ресурси), со сумирани бодови за секој наставник или наставничка кои влегле во потесен круг на оценување. Листата ќе биде доставена до организаторот (Фондацијата Метаморфозис) и јавно објавена на веб страницата, по што ќе бидат контактирани трите највисоко рангирани наставници/наставнички.

Без оглед на конечните резултати на конкурсот, тимот на ООР сака да изрази огромна благодарност на сите кои придонесовте кон отворено ширење на знаење, преку споелувањето на вашите иновативни, често и интерактивни лекции, квизови, видеа, и многу други отворени образовни ресурси. Навистина придонесовте кон покревање на свесноста за отворените образовни ресурси, но и квалитет на образованието кај учениците од основните училишта. Ве поздравуваме!