МОН контра Сојузот на средношколци – Државна матура во јуни 2021 година

Откако вчера од Сојузот на средношколци побараа оваа учебна година да нема државна матура туку само изработка на проектна задача, од Министерството за образование и наука (МОН) информираат дека не планираат никакви измени и дека годинава државната матура ќе се одржи во предвидениот законски рок – јуни 2021 година.

Од МОН додаваат дека полагањето на државната матура е законска обврска и дека во комуникација со учениците и училиштата ќе обезбедат заеднички решенија за непречено и безбедно полагање на матурските испити.

„Ги известуваме учениците од четврта година дека пријавувањето на матурските испити се одвива во соодветниот законски рок и затоа ги повикуваме матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, којашто е проширена со уште нови два предмета. Оваа учебна година за првпат, матурантите имаат можност за реализација на матурска проектна задача во согласност со условите во кои се одвива наставата и глобалните трендови на културата и младите. Истовремено, во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини“, соопштија од МОН.

За целиот текст, кликнете тука. Извор: Радио МОФ