ФИНКИ и Карпош продолжуваат со онлајн едукација

Откако минатата недела образовниот процес „паузираше“ поради пандемијата, оваа недела ќе продолжи онлајн.

Пандемијата на коронавирусот мината недела ги затвори училиштата, средните школи и факултетите, но и покрај опасноста најголем дел од децата не беа во карантин. Со оглед на тоа дека барем во моментов кризата не изгледа дека ќе заврши за кратко време, најголем дел од образовните институции бараат нов начин за продолжување на наставата. Прв избор се чини дека ќе биде онлајн наставата, но и дел едукативните програми кои бидат достапни преку традиционалните медиуми како телевизијата.

ФИНКИ со платформа за учење на далечина

Факултетот за информациски технологии и комуникација – ФИНКИ, минатата недела започна со „далечинско учење“. Факултетот на 13-ти го имаше првиот тест час со студенти, и првата седница на наставно-научниот совет на ФИНКИ преку платформата за теле-конференции, пренесе Факултети.мк.

Првите тестови се охрабрувачки, и наставата ќе продолжи оваа недела. Дел од студентите веќе се изјасниле дека овој метод на настава го претпочитаат пред традиционалниот. ФИНКИ веќе се подготвуваше да го имплементира овој метод, но вирусот сега го направи неопходен.

Продолжуваме со експериментални часови во разни околности и обем, оптимизации на платформата, усовршување на упатствата и очекуваме формално со сите часови да почнеме од вторник, точно една недела по прекинот на наставата поради епидемијата на коронавирусот Ковид-19, вели деканот на ФИНКИ, проф. д-р Иван Чорбев.

Дигитална платформа за 9-то одделенците во Карпош

Во слична насока е и размислувањето на Општина Карпош. Општината во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на работи на платформа за надоместување на изгубениот наставен материјал преку посебна дигитална платформа. Платформата првенствено ќе биде наменета за учениците во деветто одделение

Намерата е да се прикачуваат содржини кои би се изучувале во овој период од годината согласно наставните програми, но и да се креира двонасочна комуникација со учениците, да се мотивираат за овој начин на настава, се вели во соопштението, вели градоначалникот Стефан Богоев.

Извор: it.mk