Интернетот е огромна ризница на информации и содржини од секаков тип. Колку и да се лесно достапни овие информации, повеќето од нив не можете да ги користите слободно, а тоа да биде легално или без одредени ограничувања. Причината за ова се важечките авторски права кои стриктно одредуваат како можат да се користат содржините од интернет и кои содржини не смеат да се умножуваат и дистрибуираат. Сликите, фотографиите, видео материјалите, аудио записите, и така натаму, во најголем број се покриени со авторски права кои оневозможуваат легално да ги менувате или прилагодувате за ваши потреби, да ги делите на своите ученици и слично. За овие содржини мора да се бара дозвола или да се плати одреден надомест. Слична е состојбата и проблемите со печатените материјали.
Проблемите кои настануваат, а лошо се одразуваат на развојот на образованието и достапноста на образовните материјали во целина, се бројни, но стручњаците издвојуваат два најважни:
- мешање на комерцијалните и образовните содржини
- двојното или повеќекратното оданочување
Во првиот случај се работи за тоа за мнозинството образовни содржини да се применуваат пракси и процедури кои се применуваат за комерцијални содржини кои служат за давање разни услуги или забава, па во образовната сфера се применуваат без прилагодувања или олеснувања за оние кому тие материјали и содржини се потребни.
Во вториот случај станува збор за пракси и искуства во кои државите, институциите, организациите и други субјекти, продуцираат едукативни и научни содржини од даноците на граѓаните, за да потоа истите тие содржини ги пласираат како чисти комерцијални производи за кои крајниот корисник мора повторно да плати.
ООР се стремат прецизно да се одредат оние содржини и материјали кои се од јавен образовен интерес, да се одвојат од чисто комерцијалните содржини и да се олесни достапноста до нив, а воедно да се заштитат правата на авторите од различни злоупотреби. Понатаму, оние содржини кои се дефинирани дека имаат јавен интерес во образованието, а се претходно оданочени, треба да станат потполно слободни за понатамошна употреба и дистрибуција.