Медиумската писменост е само парче од новата концепција за основно образование

Министерството за образование и наука посветено работи во наставните содржини да воведе медиумска писменост. Бирото за развој на образование во изминатиот период работеше на воведување или изработка на курикулуми кои понатаму би се вклучиле во постојните предмети.

Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн тркалезната маса на тема „Потребата и можностите за вклучување на медиумската писменост во формалното образование во Реупублика Северна Македонија” во организација на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– Во моментов работиме и на нов концепт за основно образование и ве уверувам дека медиумската писменост ќе биде дел од овој концепт за да може во истите предмети да се воведе медиумската писменост како основа за препознавање на тоа што се точни информации, кои се лажни вести, затоа што е значајно нашите најмлади, посебно во време на Ковид каде се изложени постојано на информации кои ги имаат и по социјалните мрежи и по порталите и на телевизиите, да знаат да оценат што е тоа што е вистина, што е тоа што треба да се препровери, посочи Царовска.

Медиумската писменост, како што рече, е само парче од новата концепција за основно образование. Таа, како што соопшти, треба да почне да се имплементира 2021/2022 учебна година и ќе биде јавно објавена за дебата пред да се донесе наставниот план, содржина и програма.

– Нема да се оди сукцесивно во основно, туку ќе се оди промена на наставна програма, план и материјали од прво до деветто одделение и сите ќе треба да се реорганизираат како училишта. Амбициозна е агендава, мислам дека тоа може да се постигне. Тука ќе бидат воведени сите нови елементи, не мислам дека треба да биде посебен предмет. Главно ќе бидат организирани околу пет поглавја, другите ќе бидат изборни, дополнителни теми кои ќе бидат директно врзувани со подрачјата кои ги учат од прво до деветто и тука ќе воведеме обуки кои ќе бидат задолжителни за примена на новата наставна содржина и тука медиумската писменост, како и другите работи кои ги воведуваме, како сексуално образование, животна средина, ќе треба да влезат во тие стандардни обуки со почеток во 2021/2022 година, појасни министерката.

За целосниот текст, кликнете тука. Извор: Слободен Печат