МОН: Родителите се клучен фактор за надминување на злоупотребите на онлајн наставата

Злоупотребата на онлајн наставата од страна на учениците е еден од проблемите со кои се соочува моделот на учење од  далечина, со кој започна наставата на повеќето училишта во државата. Учениците анонимно ги споделија своите искуства од онлајн наставата, па евидентни се примери на различни злоупотреби, од спиење и играње игри за време на час, до следење на настава од различни локации надвор од домот.

Не секаде постојат вакви злоупотреби, но онаму каде што ги има, училиштата ги решаваат во координација со стручните училишни служби и со Министерството за образование. Од МОН за злоупотребите на онлајн наставата велат дека состојбата е тешка за сите и истата бара повисока свест, разбирање и меѓусебна поддршка и додаваат дека на крајот на учебната година, секој ученик ќе го добие она што го заслужил. Велат дека моделот на учење од далечина не е совршен, но е значително унапреден од неговото воведување до денес.

„Факт е дека не постои совршен образовен систем и дека секогаш некој ќе се обидува да се надмудрува со иститот, да ги заобиколува непишаните правила и правните прописи како и законите за основно и средно образование и во случајов, Планот за организирање на учебната 2020-2021година, Прирачниците за проверка на знаењето на учениците и слично. Но, сепак, треба да биде јасно дека суштината на образованието е стекнување на знаења и соодветно вреднување на тие знаења преку проверки, тестирања, оценувања и водење педагошка евиденција за што постојат механизми за примена и при учењето на далечина. Така што, на крајот од учебната година секој го добива тоа што го заслужил и што било евидентирано од страна на наставниците“, велат од Министерството за образование.

За целосниот текст, кликнете тука. Извор: Мета.мк