Започна втората рунда работилници за основните училишта во рамки на проектот Отворени Образовни Ресурси

По повод меѓународната недела на Отворено Образование, која трае од 2 до 6 март оваа година, Фондацијата Метаморфозис и тимот кој го спроведува проектот „Отворени образовни ресурси“ организираше втори посети на основните училишта ширум државата. При овие посети на училиштата, ќе се одржи кратка презентација за веб-страницата www.oer.mk,отворање на профил на наставничката/наставникот, прикачување на ресурси, а потоа ќе следи и работилница на која присутните наставници и наставнички ќе можат да отворат сопствен профил, да преземат, но и прикачат отворен образовен ресурс. Воедно, присутните ќе имаат можност да научат повеќе за некои од најкористените алатки и софтвери кои можат да помогнат во создавање на креативните ООР.

На 2 и 3 март, веќе се одржаа посети на две училишта, односно тимот на ООР ги посети основното училиште „Мустафа Ќемал Ататурк“ во с.Долно Количане, и основното училиште „Кирил и Методиј“ во с. Кучевиште. Посетите поминаа во позитивна атмосфера поттикната од самите наставници кои беа заинтересирани за концептот и за изработката на ресурси на јазиците на малцинските заедници, како и за нивна употреба во наставниот процес. Дел од нив, инспирирани од добрите примери на ООР изработени од нивни колеги и колешки од другите училишта, отворија сопствени кориснички сметки на веб сајтот на ООР, и се развија дискусија за нивна изработка, лиценцирање со Криејтив Комонс, и се разбира, употреба во образовниот процес.

Втората рунда презентации и работилници ќе продолжи сѐ до крајот на месец март, односно, сѐ  додека не се оствари успешна работилница со секое од училиштата вклучени во проектот. Во месеците што следат, ќе се одржи напредна обука за изработка на ООР, натпревар за НајООР наставник/наставничка и секако, доделување на наградите за победникот.

Проектот „Отворени образовни ресурси“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис, со поддршка од Фондацијата Отворено Општество – Македонија.