Излезе вториот број на академското електронско списание „Хаемус“

Од печат излезе вториот број на ‘ХАЕМУС‘, академското електронско списание посветено на историјата и археологијата на Балканскиот Полуостров, кое исто така, опфаќа широк спектар на поврзани интердисциплинарни проучувања. Бројот за 2013 година поместува актуелни теми и дилеми од областа на археологијата, зооархеологијата, историјата, минералогијата, религијата, уметноста, менаџментот на културното наследство и издавачката дејност.
Целта на ова списание базирано на принципот на отворените образовни ресурси и лиценците на Криејтив Комонс е да се соберат и на едно место да бидат објавени најновите достигнувања во областа на балканската историја и археологија, како во однос на методологијата, така и од аспект на содржината. Содржината на списанието се темели на академски истражувања, а зад издавањето на оваа публикација стои редакција составена од истражувачи од најпрестижните институции во светот.
Списанието Хаемус е публикација на ‘ХАЕМУС‘ – Центарот за научно истражување и промоција на културата, со седиште во Скопје. Списанието може да се превземе преку директен линк на официјалната веб страна.