Академиците лансираат веб-локација со торенти за споделување научни трудови и збирки од податоци

Истражувачите од Универзитетот во Масачусетс лансираа веб-локација со торенти што им овозможува на академиците да споделуваат научни трудови и збирки од податоци.

AcademicTorrents на истражувачите им обезбедува стабилна и децентрализирана платформа за споделување на нивните дела со колегите, како и со остатокот од светот. Во моментов, веб-локацијата индексира повеќе од 1,5 петабајти податоци, вклучувајќи ја и мапата на NASA од планетата Марс.

Споделувањето е еден од клучните столбови на академското истражување. Дозволувајќи им на другите истражувачи да дознаат што правите, се создава можност за критикување на идеите, за нивно подобрување и проширување. За жал, не секогаш е лесно за академиците да ја споделуваат нивната работа, поради различни причини.

Основачите на AcademicTorrents се надеваат дека со оваа нова веб-локација со торенти од и за академици, работите ќе се придвижат од мртва точка.

Веб-локацијата ја лансираа Џозеф Коен и Хенри Лоу, двајца докторанти од Универзитетот Масачусетс во Бостон. Веб-локацијата за торенти има за цел да им обезбеди на академиците ефтина и децентрализирана платформа за споделување на нивната работа и податоци со остатокот од светот.

„Споделувањето на податоци не е едноставно. Е-пораките имаат ограничувања на големината, а за поставување на опслужувачите (серверите) треба многу работа. Дизајниравме дистрибуиран систем за споделување огромни збирки од податоци – за истражувачите, од истражувачите. Резултатот е прилагодливо, безбедно складиште за податоци со толеранција за грешки и со високи брзини на преземање“, објаснуваат Коен и Лоу.

AcademicTorrents им овозможува на истражувачите да качуваат збирки од податоци, статии и други истражувачки материјали. Веб-локацијата има сопствен тракер и поддржува веб-сидови, кои гарантираат дека датотеките ќе бидат достапни во секое време.

Една од целите на проектот е да им ги врати истражувањата на истражувачите, наместо да бидат заклучени зад ѕидови за наплата. Во моментов, издавачите ги наплаќаат повеќето од врвните публикации, но со AcademicTorrents секое списание може да дистрибуира научни трудови бесплатно.

„Една од целите на оваа веб-локација е да создаде инфраструктура за да им овозможи на списанијата за отворен пристап да работат со пониски трошоци. Со олеснување на трансферот на датотеки, списанието може да се фокусира на својата мисија за обезбедување истражувања од светска класа. По рецензијата, трудот може да се индексира на оваа веб-локација и да се дистрибуира низ нашиот систем”, велат основачите на веб-локацијата.

Веб-локацијата поддржува „колекции“, каде што торентите можат да се групираат според интерес, извор , автор итн. Овие збирки може да се следат преку RSS-фидови, па корисниците да добиваат известувања автоматски кога се додаваат нови содржини.

Покрај тоа што ја поддржува слободната достапност на истражувањата, AcademicTorrents овозможува и попрактична употреба. Бидејќи датотеките ги споделуваат колеги, можно е да се споделуваат многу големи збирки од податоци по минимална цена.

„Испораката на големи збирки од податоци може да ја поддржат истражувачите во ова поле кои ја имаат збирката на својот компјутер. Една популарна голема збирка од податоци не мора да биде хостирана на едно место. Истражувачите можат да имаат дел од збирката со податоци на којашто работат и можат да помагаат да ја хостираат заедно“, објаснуваат основачите.

Академици или други заинтересирани лица може да се регистрираат на веб-локацијата и да започнат со споделување. Мапите на NASA од Марс од 42 гигабајти би можеле да бидат добри за почеток, или на пр. копија од последната верзија на Википедија.

Извор: torrentfreak.com „Academics Launch Torrent Site to Share Papers and Datasets“ 31 јануари, 2014.