Декларацијата за отворени образовни ресурси одблиску (1)

 По објавувањето на Декларацијата за отворени образовни ресурси во Македонија, ќе се задржиме на нејзините клучни аспекти и практичните можности кои нејзината темелна имплементација ги отвора.

Во воведниот дел на Декларацијата се нагласува „свеста за ООР и нивната употреба“, односно „промовирањето и користењето на ООР за да се прошири пристапот до образованието на сите нивоа, како на формално, така и на неформално ниво“.

Во овој дел се истакнува потребата од понатамошно ширење на идејата и прифаќањето на основните постулати на отвореното образование. Иако идеите на ООР се глобално проширени и обзнанети, сепак тековните околности покажуваат дека квалитетното образование пречесто се асоцира и се доживува како монополизирано од одредени образовни центри и предусловено од материјалните фактори, како и достапна технологија. Поседувањето на ваквите ресурси и технологија им дава преголема контрола и моќ на оние кои управуваат со нив, и затоа се наметнува потребата од алетрнативи кои внесуваат баланс и го надминуваат монополот врз општокорисното и потребното знаење.

Токму затоа е неопходно континуирано информирање и едуцирање дека сите имаме право на употреба на технологијата и образовните ресурси под одредени фер услови на достапност и вреднување на трудот на авторите. Знаењето мора слободно да циркулира, а технологијате не смее да го управува, туку треба да го олеснува тој процес. Знаењето и неговото ширење не може да запре ако не сте во посед на одредена „најмодерна“ технологија или вклученост во некој систем, туку нужно мора да постојат алтернативни средства и комуникациски канали за ширење на знаењето.

Со други зборови, поврзувањето на технологијата и знаењето нужно не е проблематично, додека самата технологија не се доживува како единствен начин за квалитетно образование. Замислете колку ќе биде похуман светот во кој лекувањето на некоја болест или справување со некој проблем не е условен од поседување на одредена скапа апаратура и вештини кои ги поседуваат само неколку луѓе?

Иако ООР прави огромни чекори за ширењето на идеите на отвореното образование, динамиката на модерното поврзано и вмрежено општество наложува работењето врз градење на свест за отворено образование и правото за квалитетно отворено обрзование постојано да се афирмира, и континуирано да се издигнуваат стандардите и квалитетот на отвореното образование.

ООР  и Декларацијата ги промовираат концептите на „општествена вклученост, доживотно учење, полова еднаквост и образование за лицата со посебни потреби“. Сите тие се надополнувања на отвореното образование кое треба да биде достапно за сите, без рестрикции и дискриминации од каков било вид. Особено е важен концептот на доживотно учење, кој процесот на стекнување на знаења и вештини на позитивен и складен начин ги отвора надвор од институционалните рамки, со што упатува на мотивирање на поединците да го надградуваат и надополнуваат своето знаење стекнато во образовните институции.

[продолжува…]