Објавена Декларација за отворени образовни ресурси во Македонија

По повод светската Недела на отворен пристап 2013, Алијансата за отворени образовни ресурси објави Декларација за отворени образовни ресурси во Македонија, со која мобилизира широка поддршка за подобрување на отвореното образование.

Во наредниот период следува акција за унапредување и примена на отворените образовни ресурси од страна на сите релевантни фактори од образовната и научната заедница, како и од владиниот, граѓанскиот и бизнис-секторот.

Декларацијата за ООР на Македонија се заснова на Декларацијата за отворени образовни ресурси на УНЕСКО донесена во Париз, 2012 година. Неделата на отворен пристап се одбележува седма година, во периодот 21 – 27 октомври на тема „Отворен пристап: Редефинирање на влијанието“.

Целта на Алијансата е да создаде средина за прифаќање на Декларацијата за ООР во Република Македонија, со што ќе се овозможи унапредување на концептот за отворено образование со цел подигање на квалитетот на целиот образовен систем.

Алијансата за отворени образовни ресурси е група составена од поединци, организации, институции кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – подигање на свеста и капацитетот на академската и научната јавност за создавање и користење на отворени образовни ресурси во Република Македонија.