Препораки за домашни образовни ресурси

Ја продолжуваме востановената пракса на ООР сајтот да презентираме и препорачуваме домашни образовни ресурси. Се надеваме дека со нивното презентирање ќе ја прошириме нивната употреба, ќе помогнеме во нивна понатамошна афирмација, но и ќе мотивираме создавање на дополнителни ресурси во различни научно-образовни области.

IT Клуб“ e веб-страница креирана од Жаклина Лазаревска професор по информатика во ОСУ„ Св. Климент Охридски“ од Охрид. На неа покрај редица корисни и интересни информации и новости, постои одделна секција намената за образовни материјали и ресурси за средно и високо образование. Според авторката на овој портал:

Материјалите се црпени од постоечките учебници и други универзитетски прирачници и помагала. Распределени се по наставните програми за предметите информатика, информатичка технологија и програмски јазици.

Во прегледна форма сообено лесна за навигација низ содржините, достапни се голем број наставни содржини и материјали кои можат да послужат за лесно користење на сите кои се активни во наставниот процес во областа на информатиката.
Вториот дел образовни ресурси коишто сакаме да ги претставиме во овој напис се креирани од професорката Весела Богдановиќ. Таа се занимава со објавување образовни визуелни содржини за помалите ученици. Нејзините слободно споделени материјали за работа со деца од пониските одделенија на основното образование ги вклучуваат веб-страниците ucimenizigra.ucoz.com и sitezazemjata.ucoz.com. Низ извонредни и мошне илустративни примери дадени се голем број препораки и содржини за работа со децата. Дел од овие јавно достапни образовни материјали можат да се најдат и на нејзините „Vimeo“ и „Youtube“ канали. Весела ни пренесе дека нејзините активности за снимање и собирање материјали започнале низ неколку претходни проекти од оваа сфера и дека низ мошне охрабрувачката соработка и споделување кое се одвива помеѓу наставниците и професорите е создадена доста бројна заедница од Македонија.

Може да заклучиме дека користењето на IT технологијата и културата на споделување во образовни цели е во забележителен подем во Македонија, а овој процес има најдобри ефекти кога образовните алатки се слободни за користење и отворени за прилагодување и надградување.