Често поставувани прашања за Отворен пристап

Што претставува отворениот пристап?
Отворениот пристап претставува достапност на научно-истражувачки содржини, бесплатно, преку интернет. Најпозната и најлесно изводлива форма на отворен пристап е објавување рецензирани научни трудови од академски списанија без очекување авторите да бидат платени за тоа.

Што не е отворениот пристап?
Отворениот пристап не е самостојно издаваштво, ниту начин да се заобиколат рецензентите и публикациите, ниту некој вид второкласно, евтино издаваштво. Отворениот пристап е средство со кое резултатите од истражувањата стануваат слободно достапни онлајн за целата истражувачка заедница.

Кои се придобивките од отворениот пристап за истражувачите и институциите?
Придобивките од користењето и надополнувањето на архивите со отворен, бесплатен и достапен материјал се огромни, пред сè во поглед на слободната размена на корисни информации, резултати, истражувања и надградување врз нив. На институциите, пак, им се овозможува зголемено онлајн-присуство и зголемена можност за удел во светските истражувања.

Дали дигиталното складиште каде го поднесувам мојот труд се стекнува со авторски права?
Не. Вие сте авторот на написот, така што вие сте и носителот на авторските права, сè додека не ги назначите некому.

Дали со овозможување отворен пристап до вашите дела ризикувате да дојде до плагијат?
Вие сè уште сте сопственикот на издадениот труд, па според тоа, правилата за користење, обработка и адаптација, кои сте ги навеле важат како на хартија, така и во дигиталниот свет, односно важат при овозможување отворен пристап. Воедно, плагирањето во овој случај е и многу полесно за откривање.

Дали корисниците треба да бараат согласност од авторот секојпат кога ќе посакаат да направат или дистрибуираат примерок?
Согласноста на авторот да го објави делото под начелата на отворениот пристап се прикажува преку архивирање на тоа дело во рамките на некое дигитално складиште со отворен пристап. Сепак, доколку наидете на некој напис со задржани авторски права, каде не постои никаква индикација за намерите и желбите на авторот, би требало да побарате согласност од него за секаков тип умножување кое би ја надминало фер употребата.

Како да знам дека трудовите до кои ќе дојдам се веродостојни?
Речиси сите дигитални складишта со отворен пристап имаат своја политика за објавување која мора да биде детално проследена пред еден напис да биде објавен. Најчесто, складиштата побаруваат трудот да биде ревидиран и одобрен како веродостоен од страна на други, независни истражувачи чие поле на интерес соодветствува со полето на интерес во кое се објавува трудот.

Која е разликата помеѓу литературата со отворен пристап и онлајн-достапната бесплатна литература?
Отворениот пристап претставува неограничена и перманентна можност и достапност за читање, преземање, копирање, дистрибуција, печатење и секаков тип умножување, без притоа да се сносат какви било правни одговорности или финансиски трошоци кон авторот на делото или институцијата која го објавува. Онлајн достапната бесплатна литература не познава ценовни бариери насочени кон корисниците, но сепак вклучува ограничувања (на пример, регистрација за пристап, задржани права и ограничено лиценцирање). Доколку од вас се побара да се регистрирате, да ја внесете вашата IP адреса или да потврдите некаква лиценца, тогаш материјалот до кој сакате да дојдете не е со отворен пристап.