Презентација на ООР на институтот за педагогија

 На 27 ноември се одржа презентација за отворените образовни ресурси (ООР) пред студентите од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Студентите беа информирани за основните поими и концепти на движењето за ООР, како и тековните развојни трендови во оваа област. Како дел од презентацијата настапија м-р Марина Василева, м-р Василка Димитровска и проф. д-р Владимир Трајковски со свои презентации на теми примена на ИКТ технологијата, Википедија и социјалните медиуми во наставата и образовниот процес.

Пред студентите беа демонстрирани позитивни пракси за употреба на новите технологии во наставата и научно-образовниот процес кои олеснуваат пристап до различни видови материјали,  ја поттикнуваат соработката помеѓу студентите, професорите, создаваат научни заедници по различни интереси и потреби и го поедноставуваат издавачкиот процес. Примената на дигиталните технологии има извонреден замав во сферата на образованието, а на инволвираните во образовниот процес и одговорните инстутуции останува одговорноста придобивките од овој процес да ги направат подостапни за што поголем број на граѓани.