ООР во наставата во Македонија

Погодноста на отворените образовни ресурси не се состои само во нивно користење како готов образовен материјал. ООР можат да се употребат на различни начини кои го подобруваат, прошируваат и збогатуваат наставниот процес и интерактивноста со учениците.

Како што видовме во еден од претходните прилози, социјалните мрежи, на пример, можат да се применат на различни корисни и креативни начини за олеснување и динамизирање на процесот на учење.

Наставниците и професорите од Македонија сè повеќе ги следат овие трендови, но за жал нивниот труд и идеи не се промовирани и признаени како што заслужуваат. Во прилог на промоција на нивниот посветен труд ви претставуваме еден од многуте примери на примена на новите медиуми и ООР во Македонија.

Аида Петровска, наставничка по предметот физика во ОУ „Димитар Миладинов“, во наставата го применува блогот „Аида Физика“ како алатка. Нови информации, теми за дискусија, илустрации, видеа и многу други можности, кои секој корисник може да ги прилагоди на своите интереси и потреби, се само некои од погодностите на блогот. Покрај информациите, таа на него приложува и разни содржини кои покрај учењето, помагаат учениците да развијат приврзаност и љубов кон природата, како и да ја развијат свест за значењето на  здравата околина.

„YouTube“ видео сервисот е исто алатка која таа ја применува. Промоција на активностите, пренесување на знаење, но и поттикнување на дружељубивоста помеѓу учениците се само некои од многуте позитивни придобивки од употребата на овој сервис. Дополнително, преку каналот „SchoolTube“, кој функционира како сопствен медиум , учениците кои ни пренесуваат различни содржини за своите активности и корисни информации од областа на физиката и природните науки, имаат можност да ја развијат и својата медиумска писменост.

Овој напис би го завршиле со цитат од еден од соработничките блогови од кои Аида е активен дел, и кој на извонреден начин ги доловува идеите и придобивките на отвореното образование и ООР:

Ако ти и јас имаме по едно јаболко и ги размениме тие јаболка, тогаш и ти и јас ќе имаме по едно јаболко. Но, ако ти и јас имаме по една идеја и ги размениме тие идеи, тогаш и ти и јас ќе имаме по две идеи. – Џорџ Бернард Шо

 

 

 

Коментари

  1. Аида says:

    Овогодинешни блогови, во старите го исттошив бесплатниот лимит:

    http://aidapetrovska-fizika.blogspot.com/

    http://aidapetrovska.blogspot.com/

Кажи што мислиш на темава

*