Coursera – зачеток на револуција во онлајн-образованието

Coursera – зачеток на револуција во онлајн-образованиетоВеќе се наѕира она што Бил Гејтс го предвиде околу иднината на образованието. Имено, во текот на едно интервју во 2010-та година, тој изјави дека за 5 години, најдоброто образование  во светот ќе можете да го стекнете на интернет. Истовремено, Гејтс предвиде и бавна смрт на универзитетите засновани на локација, односно прибирањето на студентите во кампуси и сл. Платформата Coursera е токму олицетворението на застареноста на конвенционалното образование.

Од неодамна, 12 врвни универзитети, вклучувајќи ги и Стенфорд, Дјук, Единбург, Калтек и други, поведоа проект наречен Coursera кој вклучува онлајн-предавања од разни области, пропратени со практични задачи и завршен испит. По успешното завршување на секој предмет, студентите се здобиваат со сертификат односно изјава потпишана од организаторите на тој предмет. Предавањата се целосно бесплатни и служат како вовед во областа со која се занимава предметот.

Coursera нуди вкупно 117 е-курсеви поделени во 17 различни категории кои ги опфаќаат едукативните потреби на кој било профил на корисник. Курсевите вообичаено траат неколку недели, а сѐ што ви е потребно е компјутер со интернет конекција и солидно познавање на англискиот јазик, иако веќе е започната иницијатива за превод на предавањата и титлување на соодветните видеа. Секако, желбата за учење ги надминува сите потребни предуслови.

„Нашата технологија нуди можност најдобрите професори да предаваат на десетици, па и стотици илјади студенти. Така, ние се надеваме да овозможиме пристап до образование од светски ранг на сите, она што досега беше достапно само за неколкумина избраници. Сакаме да ги поттикнеме нашите корисници со образование кое ќе го подобри нивниот живот, животот на нивните семејства и заедниците во кои живеат,“ се вели на coursera.org.

Филозофијата и водечката девиза на Coursera е јасна: Бесплатно образование за сите, без разлика на економската положба. Сепак, важно е да се напомене дека Coursera претставува само зачеток на нешто многу поголемо, бидејќи курсевите се замислени како вовед во проблематиката на областа. Интересно ќе биде да се следи развојот на настаните околу е-образованието и секако, одговорот кој ќе следи од конвенционалните универзитети.

Текстот го напиша: Марко Манчев (marko.manchev[at]gmail.com).

Коментари

  1. Dimitar says:

    iTunes U e isto taka odlicno mesto za besplatni kursevi od naj razlicni oblasti.
    http://www.youtube.com/watch?v=fYRNev1Qe28

Кажи што мислиш на темава

*