Влијанието на софтверот со отворен код врз образованието

Отворените образовни ресурси имаат многу заеднички аспекти со слободниот софтвер со отворен код, а поврзување на поимите за првпат е направено во 1998 од страна на Дејвид Вајли, кој концептот на отворена содржина го довел во аналогија со концептот на отворен код.

Отворените образовни ресурси го помагаат развојот на нов и подобар софтвер со отворен код. Правејќи ги достапни содржините за едукација во областа на програмирањето, слободниот софтвер, градењето на заедницата и културата на споделување со слободни лиценци, ООР им помага на учениците, студентите, развивачите на софтвер и сите оние кои сакаат да се вклучат во развојниот процес, да создаваат нови, подобри софтверски решенија од кои полза имаат сите корисници. Така, знаењето за слободниот софтвер и достапноста на тоа знаење во вид на образовни ресурси го помага развојот и унапредувањето на ваквиот софтвер.

Од друга страна, многу често можеме да наидеме на софтверски алатки и системи со отворен код кои овозможуваат менаџирање на образовните содржини и учење на нови нешта од различни области, преку различни видови образовни ресурси и со користење на различни методологии.

Еден од првите и најпознати проекти за отворени образовни ресурси е Curriki (http://www.curriki.org). Зад создавањето на веб-проектот стои истоимената непрофитна организација, која е одговорна за создавањето на глобална заедница од наставници, ученици и родители кои креираат, споделуваат и наоѓаат ресурси за учење кои ја подобруваат ефикасноста на наставниците и резултатите на учениците. Curriki поттикнува соработка на различните искуства кои ги носат луѓето од целиот свет во процесот на развивање на најдобрите ресурси за учење (проверени и тестирани во училница) и создавање на култура на постојано унапредување.

Постојат многу успешни отворени едукативни проекти, некои кои придонесуваат за унапредување на формалното, други за неформалното образование, едни во форма на ресурси за учење, други во вид на алатки кои го помагаат процесот на учење на различен начин. Како и да се гледа на ООР, нивната достапност и можност за унапредување и споделување е секогаш овозможена преку интернет, како што функционира и софтверот со отворен код и секоја друга филозофија во рамките на отвореното движење. Тие два концепти во иднина треба уште повеќе да соработуваат и да ги унапредуваат резултатите во двете сфери како производ на континуирано надградување на знаењето и подобрување на софтверските можности за развој на уште подобро знаење во иднина.