Соработката помеѓу отворените образовни ресурси и отворениот пристап

И отворените образовни ресурси и отворениот пристап се базираат на принципот на отвореност, односно достапност и слободна употреба на материјали кои се важни во образовната и во истражувачката дејност. Отворениот пристап поконкретно се залага за продукција на високо квалитетни истражувачки материјали и нивно споделување со цел напредок на научната дејност во целост.

Отворениот пристап произлегува од спојот на старата традиција – желбата на научниците да ги објавуваат резултатите од нивните истражувања во научни списанија без да бидат платени за тоа и новата технологија – интернетот.  Како резултат на ова произлегува јавно добро, односно светски распространета електронска дистрибуција на научно-истражувачки списанија и целосно бесплатен и неограничен пристап до нив од страна на научниците, студентите, стипендистите, професорите и други љубопитни умови.

Отстранувањето на пречките во пристапот до оваа литература, влијае на забрзување на истражувачкиот процес,  збогатување на образованието, споделување на наученото помеѓу богатите и сиромашните.

Литературата за истражување со отворен пристап е составена од слободни, онлајн копии на рецензирани написи и конференциски документи, како и технички извештаи, тези и работни документи. Тие можат слободно да се користат за истражувања, предавања и други потреби.

Под отворен пристап во литературата се подразбира нејзина трајна, бесплатна достапност на јавниот интернет, со дозвола корисниците да читаат, преземаат, копираат, дистрибуираат, печатат, пребаруваат или да поставуваат врски до целосните текстови на овие написи, истите да бидат индексирани од страна на пребарувачите, да бидат додадени како податоци во софтвер или да се користат за каква било легална намена, без финансиски, законски или технички бариери освен оние кои се поврзани со самиот пристап до интернет.

Почетоците на отворениот пристап датираат од декември, 2001 год., со иницијативата за отворен пристап на група индивидуалци во рамките на конференцијата во Будимпешта, организирана од Институтот отворено општество.

Содржините со отворен пристап се чуваат во дигитални складишта, кои претставуваат еден вид онлајн-архиви. Тие овозможуваат управување, складирање и пристап до дигиталните содржини. Дигиталните складишта може да имаат многу облици, но најчесто разликуваме два вида:

  • институционални –претставуваат дигитални колекции од резултатите креирани во рамките на универзитетите или истражувачките институции
  • централизирани – базирани на одредена област

Иако целта на складиштата може да биде различна, на пр. некои универзитети имаат ресурси за учење, односно образовни материјали, во повеќето случаи, тие се креирани за да овозможат отворен пристап до резултатите од истражувањата во рамките на институцијата.

Во отворениот пристап се разликуваат две стратегии, златен и сребрен пат.

Златниот пат се однесува на објавување научни написи во списанија со отворен пристап, но опфаќа и оригинални прилози како монографии, колективни книги и др.

Зелениот пат до отворен пристап се однесува на само-архивирање на дигитални документи во отворени институционални или тематски базирани сервери, паралелно со, пред или по објавувањето во списанија кои наплатуваат за пристап. Само-архивирачките текстови најчесто се во верзија пред или по печатење, но архивите се состојат и од монографии, извештаи од истражувања, конференциски материјали и сл.