Што се „отворени образовни ресурси“?

Отворени образовни ресурси (ООР), Оpen Education Resources на англиски јазик, се образовни средства и содржини кои се слободни за употреба. Тоа се образовни алатки кои се бесплатни и можат без никаков надомест да се користат во едукативни и истражувачки  цели. Покрај тоа, ООР се слободни и за дистрибуција врз претходно дефинирани сопственички права кои промовираат слободна дистрибуција и го овозможуваат умножувањето на овие алатки. Во современ контекст и во новото вмрежено општество во кое живееме, под ООР најчесто се подразбираат образовни алатки кои се лесно достапни преку интернет. Проблемите кои се пројавуваат во користењето на образовните ресурси (ОР) главно се однесуваат на ограниченоста во нивната употреба, односно намалување на искористеноста на образовните ресурси од страна на помали групи или поединци. Токму на оваа линија функционираат ООР кои ги подразбираат образовните средства како „јавно и заедничко добро“.