Разлика меѓу софтвер со отворен код и слободен софтвер

Дефинициите на овие два поими се многу слични. Разликата се состои во нагласување на различни аспекти. Додека во слободниот софтвер се потенцира слободата која им се дава на корисниците, терминот отворен код се асоцира со видливоста на изворниот код за сите, истакнувајќи го квалитетот на софтверот што е резултат на развојните модели кои се применуваат во проектите за слободен софтвер со отворен код. Во некои случаи слободниот софтвер не е и сосема со отворен код, и обратно. Слободниот софтвер пак, не е исто што и бесплатен софтвер (freeware).

Ричард Сталман, активистот за слободен софтвер, иницијатор на движењето за слободен софтвер и креатор на проектот GNU, ја објаснува разликата преку целите што секое од движењата го нагласуваат: „отворениот код е развојна методологија, слободниот софтвер е општествено движење“. Во секој случај двата поими се однесуваат на софтвер кој доаѓа со одредени права и слободи за корисниците. Тие објаснуваат два различни пристапи кон слободниот софтвер. Двата поими се однесуваат на софтвер кој е ослободен од рестриктивни лиценци, а може да се користи, копира, проучува, модифицира и редистрибуира без ограничувања.

Додека терминот софтвер со отворен код е малку двосмислен, мешајќи ја достапноста со слободата за користење, модифицирање и редистрибуирање, развивачите на софтвер се согласуваат околу примената на алтернативен термин – слободен софтвер со отворен код што го подразбира софтверот со отворен код кој е исто така слободен.