Отворен код, слободен софтвер и отворени образовни ресурси

Софтверот со отворен код (Open source software) подразбира достапност на кодот кој е развиен од страна на програмерите и слобода за негово прилагодување и менување од страна на други програмери. Развивачите на ваков софтвер веруваат дека дозволувајќи им на сите кои сакаат да направат некаква промена на кодот, овозможуваат на долг рок апликацијата да стане покорисна и со многу помалку грешки во работата.

Отворениот изворен код (Open source code) вообичаено претставува колаборативен напор на програмерите да го подобруваат кодот и да ги споделуваат промените со заедницата. Всушност, основата на која почива Иницијативата за отворен код (Open Source Initiative) е дека кога програмерите можат да го читаат, редистрибуираат и модификуваат изворниот код на еден софтвер, софтверот еволуира. Софтверот со отворен код во технички ориентираната заедница се појави како реакција на сопственичкиот (комерцијалниот) софтвер кој го развиваат компаниите и кој е контролиран и e во нивна приватна сопственост.

За еден софтвер да се смета со отворен код треба да бидат исполнети неколку критериуми:

  • Програмата мора да биде бесплатно дистрибуирана, но може да се вклучи како дел од пакет заедно со софтвер за кој треба да се плати.
  • Изворниот код мора да биде достапен.
  • Секој може да го менува изворниот код.
  • Модифицираните верзии можат да се редистрибуираат.
  • Лиценцата на програмата со отворен код не смее да бара исклучување на друг софтвер или попречување во неговата работа.
  • Лиценцата не смее да биде дискриминаторска кон одредени луѓе или групи луѓе, ниту пак да ограничува примена на софтверот во одредени области (на пример во бизнис секторот).

Софтверот со отворен код не се дистрибуира под ист договор за лиценцирање. Некои користат слободни софтверски лиценци, т.н. copyleft или GPL-компатибилни. Иницијативата за отворен код моментално поддржува над 50 лиценци.

Апликациите со отворен код имаат и свои недостатоци. Имено, бидејќи слободниот софтвер ја поддржува и охрабрува модификацијата на кодот, за него не може да се издаде гаранција, ниту пак да се обезбеди сигурна техничка поддршка. Затоа некои компании одлучуваат своите инаку бесплатни софтверски продукти да ги продаваат во комплет со гаранција и техничка поддршка. За бизнис секторот ова е многу важно бидејќи нудењето на техничката поддршка е причина фирмите да се определат дури да платат за ваков софтвер, наместо да го преземат од интернет без дополнителни трошоци.