Методи, насоки и примери на ООР во Македонија

На Македонија не ѝ се страни ООР, како и идеите на слободен пристап (Open Access). Како што покажуваат анализите, се покажува потреба од подобра координација помеѓу самите активности, интензивирање на некои од нив, и надградување на некои од сработените фази за развој на ООР.

Низ неколку илустрации може да се добие појасен увид во досегашните пракси на ООР во Македонија:

  • Министерството за информатичко општество во текот на април 2010 година го промовира проектот за бесплатни електронски учебници и веб-страницата „е-ucebnici.mk“. На неа се објавени 58 учебници на македонски, албански и турски јазик кои можат слободно да се прегледуваат и да пребарува низ нивните содржини. Во однос на овој проект МОН се изјасни дека: „Електронските учебници нема да ги заменат печатените учебници. Целта е да се овозможи учебниците да бидат во електронски формат, но огромно е значењето на печатените учебници…ова е само можност повеќе за поквалитетен начин на учење“. Учебниците можат и да се преземаат во „PDF“ формат. Според МИО „сервисот е сѐ уште во развој и во иднина треба прерасне во основен ресурс за пристап до голем број електронски учебници од едно централно место.“

  • Веб-страницата „skool.mk“ подготвена од МИО и од „Бирото за реформи во образованието“ (понатаму БРО), а дел од мрежата на „skool.com “. Веб-страницата дава алатки и содржини од сферата на математика, физика, хемија и биологија. Страницата содржи интерактивни аудио и видео материјали кои можат да бидат применети во наставата и да дадат придонес во креативно приближување и приопштување на наставните содржини од овие предмети и област. Понудените содржини ги опфаќаат овие предмети за основно и за средно образование, во содржинска релација со наставната програма во РМ според која се одвива наставата по овие предмети.  На страницата се понудени и прегледни белешки за корисниците од областите на математиката и природните науки.
  • E-uciliste.com онлајн колекција на образовни курсеви од неколку области: информатика, физика, хемија, електротехника, дигитални системи, HTML и други.

„Википедија“ на македонски јазик бележи раст на бројот на статии и содржини кои се достапни за корисниците.