„Криејтив комонс“ и отворените образовни ресурси

Светските искуства покажуваат дека со постапни законски подобрувања и рилагодувања, можно е да се помират и координираат овие два навидум непомирливи пола, т.е. слободната дистрибуција и заштита на авторското право. Како пример за една од поуспешните формули е  системот на лиценци уреден  од страна на „Creative Commons“ (www.creativecommons.org), а кој се применува и во Македонија (http://cc.org.mk/). „Криејтив комонс“ пак, го подразбира слободното користење на т.н. Криејтив комонс лиценци од страна на уметниците, авторите, развивачите, кои сакаат дел од своите авторски права да ги задржат за себе, а дел да ѝ ги остават на публиката, на тој начин стимулирајќи поголема промоција и корисност на делумно заштитените дела. Вака гледано, јасна е поврзаноста помеѓу филозофијата на која се базираат ООР и Криејтив комонс. Тие не само што концепциски се доближуваат, туку и меѓусебно соработуваат.

Креаторите на образовни содржини често користат „Криејтив комонс“ лиценци за да ги направат отворени за јавноста. Но Криејтив комонс е повеќе од тоа. Лиценците кои го карактеризираат овој бренд се наменети за споделување секаков вид креативни дела кои можат да се објават на интернет, од проза, истражувања и музика до цели блогови или веб-сајтови кои се залагаат за слободна реупотреба на сè што е објавено во нивни рамки.