Каде се стремиме со отворените образовни ресурси?

Модерните општества и светот во кој живееме целокупниот свој развој го засновуваат на знаење. Без разлика дали се работи за развиената технологија, медицината, биологијата, астрономијата, и така натаму, сите врвни достигнувања на човекот се засновуваат на знаење. Знаењата во економијата, социологијата, психологијата и други науки, многу влијаат на квалитетот на нашето живеење.

Исто така, со искуствата кои човештвото ги стекна во текот на XX-от век, од светските војни, падот на колонијализмот, блоковската поделеност и студената војна, како и големиот број на етнички и верски конфликти, научивме дека поделеноста подеднакво им штети и на развиените и на неразвиените земји и региони.

Сето ова наметнува потреба од поврзување на светот обединет околу знаење кое олеснува развој, просперитет,  соработка и толеранција на различности.

Македонија е земја и култура со многу разночични природни и културни богатства. Нејзиниот развој нужно е поврзан и условен со напредок на знаењата, острученоста и усовршувањето на своите жители. Олеснувањето на достапот до знаењата и средствата за едукација се суштински дел од тој проектиран процес и потреби за развој.

Заклучно, она кон што треба да се стремиме и на што треба интензивно и координирано да работиме е:

  • Да се овозможи секому да се образува и усовршува во областите за кои е заинтересиран и има афинитети.
  • Образовните материјали да бидат лесно достапни, како за учениците, така и за наставниците.
  • Знаењата и книгите да ги отвориме кон сите оние кои се заинтересирани за нив. Знаењето не треба да фаќа мувла, туку да биде на дофат за секој кој има потреба од него.
  • Интернетот лесно ги поврзува луѓето за дружење и забава. Образованието и знаењето треба новите достигнувања да ги искористат и за своите цели. Поврзувањето на луѓето со слични интереси, знаења, активности и афинитети во образованието и науката е голема шанса пред сите нас.